По тешко боледување почина доц. м-р Елена Мисиркова, позната пијанистка и доцент по пијано на Музичката aкадемија во Штип.
Доц. м-р Мисиркова своето средно музичко образование по пијано го завршила во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје, а дипломирала и магистрирала пијано на Државната музичка академија „Гнесини“ во Москва, Русија. Од 1989 до 1994 година, таа специјализирала на Виенскиот конзерваториум во Виена кај професорот Леонид Брумберг.
За време на студиите била носител на стипендија за талентирани млади уметници на Р. Македонија/Федерална влада на Југославија, стипендија за постдипломци на Р. Македонија, стипендија на Министерството за образование на СССР и стипендија на СССР за постдипломски студии по препорака на Дипломската комисија.
Од 1987 до 1989 година, Мисиркова била професор по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ - Скопје. Од 1997 до 2002 година, работела како асистент по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Од 1992 до 1994 година, таа била професор по пијано во Виенска приватна школа. Носител е на награда за исклучителни уметници на Фондацијата „Хуго Брајтнер“, две први награди на републичките натпревари на пијанисти во Скопје и трета награда на Сојузниот натпревар во Белград, Југославија.
Мисиркова била еден од организаторите на Денови на македонската култура во Австрија во 2001, 2010 и 2014 година. Од 2002 година до 2016 имала статус на слободен уметник во Р. Македонија и во Австрија. Во 2007 година ѝ е доделена почесна титула амбасадор на култура на РМ во Австрија. Добитник е на државната награда „11 Октомври“ во 2016 година.
Мисиркова одржала голем број концерти во земјава и во странство, проследени со одлични критики од музичките критичари.
Во 2016 година таа е избрана за доцент по пијано на Музичката академија при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип, институција на која работеше во последните две години од својот живот.