Во салата „Тонин Харапи“ во Тирана со учесници од четири различни земји од Балканот настапија и Марија Стојанова и Сандра Лазовска, студентки на Музичката академија при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип. Тие се студентки во класата на проф. Ангеле Михајловски и проф. Наташа Трбојевиќ.
Концертот, именуван „Пијанистичка синергија“, беше четвртата едиција на културниот проект „Соседи“, чии организатори АБЦ Тирана клуб го имаат организирано од 2019 година, на чија прва едиција настапуваше и студентката Марија Стојанова.
Главна цел на проектот „Соседи“ е да служи како движечка уметничка сила во секој град во Албанија и градовите во регионот. Овој музички настан беше организиран во рамките на програмата „Тирана – Европски центар на младината 2022“ со финансиска поддршка од Меѓународниот младински конгрес во соработка со Општина Тирана.
Концертот имаше разновидна и интересна програма составена од класични, романтични и современи дела за пијано од композиторите Лудвиг ван Бетовен, Фредерик Шопен, Јозеф Хајдн, Роберт Шуман, Сергеј Рахмањинов, Јан Тиерсен и Ханс Цимер. Во рамките на овој настан имаше организирано и работилница – дискусија со тема „Онлајн учење и настапување за време на пандемијата КОВИД-19“ во која сите учесници на концертот ги споделија нивните искуства за онлајн студирањето и можноста за музички настапи за време на рестрикциите заради пандемијата.