Проф. д-р Невенка Дуковска од Музичката академија при УГД – Штип имаше успешна турнеја во САД и во Шпанија.
Почетокот на турнејата беше во Њујорк на 16 април годинава. Концертот за флејта и пијано, на кој настапи дуото во состав м-р Ване Аревски (флејта) и д-р Невенка Дуковска (пијано), беше проект поддржан од Министерството за култура на РС Македонија, реализиран во Културниот центар на Македонија во Њујорк, кој се наоѓа во срцето на Менхетн, познатa како MC Gallery.
Во оваа акустична галерија одекнаа звуците на аранжмани специјално правени за концертот во Њујорк и беа премиерно изведени теми на познати македонски фолклорни песни и ора, како „Пајдушко“ во аранжман на Иван Еминовиќ, „Ајде слушај, слушај...“ во аранжман на Стојанче Иванов кој претставува сплет од песни како: „Калеш Анѓо“, „О Јано, Јано“, „Јовано, Јованке“, „Градел Илија манастир“ и „Дафино вино црвено“. Во програмата беа застапени и многу други композиции од македонски автори, како: „Песна“ на К. Тодоровски, „Дојранка“ на Т. Прокопиев, „Кажи ми кажи, Катинке“, „Фантазија“ и „Тешкото“ од В. Атанасов, кое освен за камерен ансамбл е адаптирано и за обоа или флејта и пијано, каде што пијаното во интродукцијата го презема звукот на тапанот, со што пијанистот го имитира тапанот со удари по корпусот на пијаното. Ваквата современа техника предизвикува навистина интересни реакции во публиката, освен тоа целта и идејата за овие композиции беше токму тоа, еден вид „патување“ до родните краишта на нашите сонародници кои живеат и творат таму.
- Со одличната синергија на сцената помеѓу изведувачите успеавме да издејствуваме многу емоции и солзи кај секој од присутните. Концертот заврши со аплаузи и овации, што е најголемата награда и признание за нас изведувачите. По долгото апстинирање од сцените поради пандемијата, голем предизвик е и огромна одговорност да се претставиме на овие светски сцени во најдобро можно светло. Тоа бара многу работа, проби, вежбање и одличен концепт на програма која ќе биде актуелна и прифатлива за секоја публика – вели проф. д-р Невенка Дуковска.
Затоа со сличен концепт и минатата седмица се претставија на сцените пред шпанската публика како „Дуо Грациозо“, кое е во состав: м-р Кристина Палија (сопран) и д-р Невенка Дуковска (пијано). На концертите, покрај моќните арии како „Мадам Батерфлај“ и „Леонора“ од „Моќта на судбината“, беа изведени и дела од Пуленк, Масне, Едит Пијаф, Фернандо Обрадорс, Агустин Лара и други дела кои беа прифатени со воодушевување и беа наградени со овации. Публиката беше емотивно допрена, почестена и трогната од изборот и изведбата на шпанските автори. Дуото одржа два целовечерни концерти, од кои првиот беше на 17 јуни 2022 г., во стариот театар кој изобилува со неверојатна акустика, во магичниот град Сеговија, а вториот се одржа на 20 јуни 2022 г., во конзерваториумот „Мануел Родригес Салес“ во Мадрид.
- Во Мадрид беше презентирана и работата на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, каде што наидовме на голем интерес кај директорката за понатамошното образование на учениците, како и можност за понатамошна соработка. Концертите одржани во Шпанија се исто така проекти финансирани од Министерството за култура на РС Македонија. Дуото има реализирано и ред други проекти во изминатите години, а нивната соработка започна со учеството на интернационалниот натпревар „Монтсерат Кабаље", кој се одржа во 2014 г. Инаку дуото бележи значајни настапи и ја промовира современата музика не само низ нашата држава, туку и надвор од неа. Позначајни концерти се неколкугодишните по ред настапи низ Мароко и низ Австрија, концертна турнеја низ Словенија, како и Шпанија, Италија, Србија и Бугарија – додаде Дуковска.
Д-р Невенка Дуковска не само што активно ја изведува и фаворизира современата музика, таа минатата година го издаде и првиот учебник на тема „Современа нотација во литературата за пијано“. Следен проект кој треба да се реализира годинава се концерти за дуо пијано, на кој ќе настапат д-р Невенка Дуковска и д-р Ангеле Михајловски.