Дел од програмската содржина на годинешниов фестивал „Модоарс“ - 2022 беше концертот на камерниот оркестар „Профундис“ - Скопје, а како солист настапи реномираниот кларинетист Бранко Павловски.
Концертот се одржа на 22 ноември 2022 г. во салата на Музејот на македонска борба во присуство на одбрана публика. За оваа пригода уметниците се определија за стилски разновидна програма со дела од Моцарт, Чајковски, Пучини, Шнитке и Бритн. Публиката што ги следи настапите на оркестарот „Профундис“ може да посведочи за квалитетниот уметнички развој на ансамблот што несомнено е заслуга на уметничкиот раководител, диригентката Ѓурѓица Дашиќ и посветените членови на оркестарот. Во таа смисла, секоја средба со овој полетен камерен оркестар претставува ново естетско доживување.
Изведбата на кларинетистот Бранко Павловски во придружба на оркестарот „Профундис“ ги содржеше сите обележја, важни за Моцартовиот елегантен класичен стил: чиста и јасна техничка подлога, ритмичко-артикулациска прецизност и над сè грациозност. Во однос на солистичката делница, кларинетистот Бранко Павловски педантно ја протолкувал партитурата, обрнувајќи внимание на сите технички предизвици и интерпретациски финеси во оваа толку позната композиција. Во првиот и третиот став Allegro, слушнавме одлично изведени брзи пасажи, нагли, интонативно чисти скокови во оддалечените регистри на кларинетот, типични за ни малку едноставната фактура во нотниот текст на овој концерт. Мошне уверливо и подвижно, кларинетистот, технички сложените секвенци ги изведе со леснотија и бистар израз, притоа заокружувајќи ги фразите со одмерено динамичко нијансирање и ненападна агогика. Во вториот став, возвишеното Adagio, пак, во целост дојде до израз уметничкиот сензибилитет на Павловски. Тој долгите мелодиски фрази ги обликуваше во сите нијанси на „piano”, при што особена умешност покажа во креирањето мек „sotto voce” звук, со што оствари воздржана, сепак длабоко инспиративна интерпретација. Тука би додале дека своето естетско поимање за генијот на музичкиот класицизам, солистот Бранко Павловски го насочува пред сè во обликувањето топол, „заоблен“ тон во кларинетот, без какви било непотребни агогички сензации, со главен фокус кон профилирање на бистрината во изразот, што бездруго придонесе оваа божествена музика да ја доживееме со сета нејзина експресија и емоција. А очигледно начинот на кој Павловски го толкува Моцарт, потполно чист и одмерен, е само потврда за една квалитетна долгогодишна музичка едукација која обединува повеќе познати европски и американски школи за кларинет, но и солидно концертно искуство што пак рефлектира технички и стилски префинета изведба.