Интервју со директорот Сашо Поповски

      Сашо Поповски е професор на Музичката академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Интервјуто е преземено од „Cultural Chat“ и целосно може да се најде на следниов линк.

      Најголемиот настан на професионалци од музичката индустрија во регионот „Контакт конференција“ се одржа по седми пат во Белград, во организација на продуцентската куќа „Контакт конференција“, промоторската куќа „Одличан хрчак“ и Белградскиот фестивалски центар – ЦЕБЕФ, а под покровителство на градот Белград.

 Новото издание на „Контакт“ го одбележаа форуми, панели, креативни работилници и јавни дискусии, чија цел е дополнително да се подобри работата на сите сектори кои ги сочинуваат креативните индустрии и забавната индустрија. Еден од панелите што се одржа како дел од „Контакт 2023“ беше „All that jazz“. На панелот се дискутираше за неколку теми (Како џез музиката од клубот, интимната сцена лесно ја освојува големата сцена? Зошто различни музички хибриди денес се етикетирани како џез?).

 На панелот претставник од Македонија беше професорот и директорот на фестивалот „Џез фактори“, Сашо Поповски, а покрај него претставници од други земји беа Мирон Хаузер од Хрватска, Драгослав Станисављевиќ од Србија, а модератор беше Иван Илиќ. Поповски зборуваше за проблемите со кои се соочува џез-сцената во Македонија, кои може да се поистоветат со проблемите на оваа сцена низ регионот.

  • Што значи учеството на оваа конференција за македонската џез сцена?

  С.П. - „Контакт“ во Белград е најголемата регионална конференција за музичка индустрија која е поделена на два дела: шоукејс програма во која артистите ја претставуваат својата музика во вид на кратки концертни сетови од 30 мин. пред професионалци од индустријата (букери, промотори, организатори на фестивали, радиостаници, дигитални музички медиуми итн.) и панел-дискусии на професионалци од музичката индустрија во кои се дебатира на теми кои се директно насочени кон согледување на состојбите во музичката индустрија во различните земји и давање сопствено видување кон подобрување на целокупната состојба.

      Пред сѐ, најголемата придобивка е што во седмото издание на „Контакт“ првпат се организираше панел за џез-музика на кој претставник од Македонија е „Џез фабрика фестивал“ - Битола, а во делот за едукација Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип преку Џез одделот на Музичката академија.

 

      Ако ги погледнете имињата на делегатите/панелистите кои учествуваа во дебатата: Драгослав Фреди Станисављевич – РТС „Биг бенд“ (Србија), Мирон Хаусер – Џез оркестар на ХРТ (Хрватска), Иван Илич – РТС „Биг бенд“ (Србија) и Сашо Поповски – „Џез фабрика фестивал“ и УГД – Штип (Македонија), очигледна беше намерата на организаторот на својот прв панел за џез-музика да учествуваат еминентни и реномирани репрезенти од џез сцените на своите држави.

      Можноста да се зборува за македонската џез сцена на толку голем настан е предизвик кој со себе носи и голема одговорност, бидејќи токму нашата македонска џез сцена во изминативе 15 години доживува своевидна ренесанса главно поради отворањето на Џез одделот при УГД, кој е своевиден расадник за формирање на современи џез артисти со висок квалитативен степен на едукација. Потоа не смееме да го заборавиме и фактот што имаме и светски највисоко рангиран џез фестивал (Скопје џез фестивал) кој има над 40 изданија, како и Здружението на џез музичари кое ги обединува артистите и ја зацврстува македонската џез сцена.

  • Какоџез музиката од клупска интимна сцена пополека ја освојува големата сцена?

      С.П. - За жал, кај нас клупската џез сцена е толку мала (3-4 клуба), што реално не може да се каже дека постои. Тоа отвора голем број полемики од која причина е ваква состојбата. Мое лично убедување е дека моделот на организација кај нас е погрешен и на панелот направив паралела со начинот на структурна организација со еден клуб во Холандија. Голем фактор за непостоењето на ваквиот тип на сцена е и неподдршката од страна на државниот и локалниот апарат (министерство - општина) кои сѐ уште не ги препознаваат овие клубови/сцени како релевантни генератори на културна програма, што е апсолутно погрешно, како и непостоењето на реална поддршка од комерцијалните партнери / компании во делот на формирање на изведувачката програма на клубовите.

     Па така, на џез музичарите – артистите единствено им преостанува фестивалската сцена, која треба да биде промотор на новите албумски изданија, како и претставување на соработките со интернационални артисти или фестивали. Бројот на џез фестивали во Македонија (5-6) секоја година варира најмногу поради не-поддршката од страна на Министерството за култура и непостоењето стандардизација и професионално оценување од страна на комисиите во Министерството.

Технички секретар

Лидија Јорданова
Тел: +389 32 550 200
E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
Адреса: ул. „Крсте Мисирков“ бр. 10-А
Пош. фах 201, Штип - 2000, Р.Македонија

Студентски прашања

Штип - Невенка Ронкова

Тел: +389 32 550 081

E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

Секретар

д-р Снежана Бардарова

Тел: +389 32 550 986

E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.