Во рамките на програмата Еразмус+, на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип гостуваше д-р Али Калкан, професор на Универзитетот за музика и ликовни уметности во Анкара, Турција.
На 9 мај професорот одржа предавање за турските фолклорни скали (маками) и нивната градба преку орактично презентирање на инструментот баглама. Презентацијата наиде на голем интерес од страна на присутните професори и студенти кои стекнаа едно продлабочено сознание за тонската скала присутна во вокалните и во инструменталните мелодии на постарата музичка традиција на турскиот народ.
Ден подоцна во концертната сала на Музичката академија се одржа и концерт насловен „Синтеза на традиционална турска и македонска музика“. На концертот учествуваа професорот Али Калкан со инструментот баглама, проф. д-р Горанчо Ангелов со кавал и гајда, проф. д-р Илчо Јованов на клавир и Александар Ангелов со кавал и гајда. На програмата беа исполнети турски и македонски мелодии од кои најголем дел се изведуваа со заедничко музицирање и фузирање на инструменти и на музика од различни традиции и региони.